Македонија не напреднала во борбата против корупцијата. Во најновиот Индекс за перцепција на корупцијата на „Транспаренси Интернешнл“ се најде на 84-то место со 40 поени. На 84-та позиција се најде во друштво со Бугарија, Унгарија, Куба…кои бележат пад во рангирањето. Пад во рангирањето има и кај Албанија која се најде на 91-во место, Србија на 116-то место, БиХ на 109-то. Црна Гора нема промени и остана на 65-то место со 46 поени.
Ист број поени имавме и лани, но во споредба со претходната година кога беше на 88 место, годинава се помести 4 места погоре, што може да биде делумно и поради влошувањето кај други земји.
„Ова укажува дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата. Земјата повторно покажува константа — почетна точка од која реформи треба да тргнат кон подобрување. Формално, Македонија оваа година е позиционирана четири места повисоко (84. позиција), што укажува дека лани имала подобри резултати од уште четири други држави, а не дека е постигнат вистински напредок“, посочуваат од „ТИ – Македонија“.
Клучните системски проблеми остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои и понатаму не обезбедуваат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнителен удар врз довербата беше и случајот поврзан со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, што сериозно го наруши кредибилитетот на институциите задолжени за борба против корупцијата.
Загрижува и нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, како и самата содржина на измените, кои не само што не ја зајакнаа антикорупциската рамка, туку ја ослабнаа во одредени делови. Исто така, и понатаму не се донесени новиот Закон за укажувачи, ниту измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси — два клучни закони за ефикасна борба против корупцијата.
Дел од експертската јавност го прокоментираа ваквиот напредок. Екс-претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска во разговор за „Локално“ вели дека индексот на перцепција на корупцијата покажува како со освоените 40 индексни поени, Македонија стагнира во борбата против корупцијата. Според неа, тоа што на 4 други држави им одело полошо од нашата не треба да ни биде ниту утеха ниту пак е напредок за поздравување бидејќи нема суштинска промена. Се уште сме во долната половина под 50 индексни поени, со ниски оценки за областите владеење на правото и човековите права и слободи.

Билјана Ивановска-Фото: Принтскрин/Јутјуб
-Причините за овој резултат се повеќекратни: отсуството на интегритет во правосудниот систем, поради што истиот функционира под притисок, зависен од политичката моќ, со ниска ефикасност и доверба од граѓаните, а секако и тубуленциите кои ги претрпе ДКСК со обвинението за претходната претседателка, кои во голема мера ја разнишаа довербата во институцијата која по правило треба да ја предводи борбата против корупцијата.
Борбата со корупцијата е болен процес на закрепнување, кој бара соочување со сопствените слабости, но ако сакаме да изградиме функционална држава потребни ни се здрави и силни институции и интегритет, кои ќе овозможат владеење на правото, потенцира Ивановска.
Запрашана дали и за секоја наредна влада, како и со сегашната, ќе треба да очекуваме вакви критики и забелешки и дали гледа начин за надминување на проблемите, соговорничката потенцира како критики ќе има секогаш кога нема позитивни резултати од работењето. За Ивановска, она што навистина загрижува и што со години наназад се случува е недостигот на ефикасност во справувањето со корупцијата, иако декларативноста е секогаш високо изразена.
-Борбата против корупцијата е приоритет само во изборните програми. За ефикасна борба покрај нормираниста и декларативноста неопходни се и адекватни ресурси за зајакнување на надлежните институции и надзорни тела и што е уште поважно, посветеност и проследување на случаите на корупција и судир на интереси. Влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот се сеуште широко распространети.
Покрај институционалната борба, секој граѓанин може и треба да води лична борба против корупцијата, бидејќи има лична одговорност и може лично да придонесе во оваа борба доколку се однесува чесно, законито, со висока свест и интегритет, како активен чинител во општеството кој ниту ќе учествува ниту пак ќе биде нем сведок на коруптивни зделки, истакнува поранешната претседателка на ДКСК.
За универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев, секое мерење врз основ на перцепција е релативно – вели така и зголемувањето на свеста за корупцијата може да се пројави како фактичко зголемување на истата.
-Инаку улогата на казнениот систем во борбата со корупција кај нас се преценува на штета на бројните превентивни механизми! Целата прикаска главно служи повеќе на дневната политика. Моторот на корупцијата најчесто се политичките партии. Ајде да видиме кого ќе го стават за државен обвинител, истакна Калајџиев во изјава за „Локално“.

Гордан Калајџиев-Фото: Принтскрин/Јутјуб
Во однос на правосудството, Владата на вчерашната седница го усвои предлог-законот за Советот на јавни обвинители. Законското решение, како што велат од надлежното Министерството за правда, е значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.
Некои од клучните измени кои се предлагаат се засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на државниот јавен обвинител, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието, како и зајакната транспарентност на работата на Советот.
Предлог-законот, заедно со Предлог-законот за Јавното обвинителство, добија заедничко позитивно мислење Венецијанската комисија.
Синоќа СДСМ обвини дека во Македонија цвета корупцијата, па затоа земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија. Од партијата посочуваат дека граѓаните секој ден гледаат дека цвета корупцијата поради, како што велат, криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ. Според опозицијата, нема борба против криминалот и корупцијата, туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта.
-Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за да може слободно да се спроведува грабежот на грбот на граѓаните, наведуваат од „Бихаќка“.
Н.П.