Лидерот на Движењето за Нова Република, Ивон Величковски излезе со свој став за аферата со запленетата марихуана во земјава, но и петте тони во соседна Србија. Тој посочува дека случајот има пошироки импликации и повика на поголема транспарентност и одговорност од институциите и медиумите. Смета дека и Амбасадата на САД во Македонија реагирала за ваквиот скандал.
„Навидум едно “протоколарно” известување на Амбасадата на САД во Скопје: “Вршителот на должност амбасадор, Никол Варнс пред кратко време протоколарно се сретна со министерот за надворешни работи Муцунски, министерот за одбрана Мисајловски и министерот за внатрешни Тошковски. За време на средбите в.д. Варнс ја потврди извонредната соработка по заедничките приоритети, вклучително трговијата, колективната одбрана и безбедноста на нашите две нации”.
Еден ден пред премиерот и министерот за внатрешни да излезат на снимки со запленетата роба.
Истиот ден кога невешто:
– Мицкоски на прес инсистираше да не се верува на медиумите во Србија дека таму запленетата марихуана не потекнува од Северна Македонија, а Заев со писмо сакаше да се дистанцира од марихуанската афера иако дејноста се “регулираше” во неговиот владин мандат, а последиците од “регулативата” се мерат во тони шверцувани психотропни супстанци.
И два дена откако медиумите веста ја третираа небаре се случила во Сомалија. Бидејќи марихуаната меѓу Северна Македонија и Србија очигледно транзитирала полесно одошто брашно.
Цензурата кажува дека:
– Ова е повеќе од афера и имплицира далеку вон границите на регионот. Молкот на ЕУ амбасадите затоа е особено интересен.
– Операцијата секако не е домашна“, стои во објавата на Величковски.
Од Американската амбасада пред три дена само објавија кратко за средбата меѓу македонските функционери и в.д. амбасадорката во земјава.
МВР покажа дел од запленетите 40 тони цвет од канабис, кои властите ги открија и запленија во големата акција. Се наоѓаат во објект на министерството на тајна локација и кој засега е државна тајна. Министерот Панче Тошковски рече дека марихуаната била незаконски произведена и складирана, надвор од пропишаните норми. Истрагата продолжува.
Владата побара проверка на сите фирми кои работат со производство на медицинска марихуана. Од првично запленетите 40 тони, бројката може да порасне и до 100 тони, вели премиерот Христијан Мицкоски кој го посочи донесениот правилник кој дозволува производство на марихуана без задоволителни стандарди за производство на масло, и е во спротивност со законот.
И додека истрагата се води и преку одредени телефонски докази и други материјали, лидерот на СДСМ, Филипче вели дека Владата прави дефокус, од прашањето како минале 5 тони во Србија.
Обвинителството постапува по предметот и не соопштува детали, освен дека се сослушуваат сведоци и дека соработуваат со српските колеги.