Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев објави дека денеска поминал првиот закон предложен од неговата партија, со кој се укинува дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработување. Според Апасиев, нема да има веќе, како што вели, молење по штабови.
„Ова воопшто не е мала промена. Може да ги задржи најдобрите медицинари во државава, наместо масовно да се селат во Германија, Бугарија и по белиот свет на печалба“, стои во пораката на пратеникот по денешната собраниска седница.
Од Левица оценуваат дека ваквата законска измена е чекор кон враќање на довербата во здравствениот систем, подобрување на квалитетот на здравствените услуги и создавање фер и транспарентни услови за вработување на медицинскиот кадар. При постапка за вработување на медицински работници директорите на здравствените институции сега имаат законска обврска да го вработат најдобриот кандидат согласно ранг-листата.