„Во тек е координирана политичка операција чија цел е враќање на Никола Груевски и целосно уривање на правниот систем во државата“, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска по последните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ кон згаснатото СЈО и наводите дека се вршеле притисоци врз луѓе за гонење.
Според Кузеска, „преку орбановите медиуми во Македонија, пред сè преку Алфа, веќе се води црна кампања со наратив за „политички прогон“ и „монтирани случаи“.
„Ова не е случајна медиумска офанзива. Ова е организиран обид да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва.
Истовремено се носат решенија во правосудството спротивни на европските препораки, се поставуваат партиски луѓе на клучни позиции и се слабее институционалната независност. Сè со една цел – да се обезбеди безбеден терен за враќање на „газдата“.
Ова не е внатрепартиска работа на ВМРО. Ова е директен напад врз владеењето на правото и европската перспектива на државата“, порача портпаролката на СДСМ на денешната прес-конференција.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение изнесе сериозни обвинувања за наводно политичко влијание врз работата на поранешното СJO. Од партијата тврдат дека СДСМ, заедно со тогашниот лидер Зоран Заев и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, преку поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, имале контрола врз тоа кои предмети ќе бидат отворени, кои обвинители ќе ги водат и кои лица ќе бидат опфатени со истрагите.
Според наводите во соопштението, обвинители како Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска ги работеле предметите, додека Јанева имала координирачка улога. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СЈО работело под директна насока на тогашното раководство на СДСМ.