Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе предлог-закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, по скратена постапка, за граѓаните да не останат со нерешени статуси за своите домови поради административни препреки или бавни процедури. Предлогот доаѓа во момент кога важноста на актуелниот рок истекува следниот месец на 3-ти март, што, според предлагачите, би значело автоматско прекинување на илјадници постапки што се „заглавени“ во општините, катастарот или судовите.
Според образложението што го даде пратеникот Бојан Стојаноски, целта е граѓаните што одамна поднеле документација да не останат со нерешен правен статус на домот поради административни пречки и бавни процедури. Клучната порака е дека измените не отвораат нов „повик“ за легализација, туку се однесуваат само на оние предмети што веќе се во тек и чекаат финализација, најчесто со имотен лист како последна точка. Во истиот наратив се вметнува и аргументот дека барањето дошло од општините преку ЗЕЛС, како притисок „од терен“ да не настане правен вакуум.
-Со овој предлог, како што нагласи тој, се продолжува рокот за дополнителни пет години, односно наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години – до 3 март 2031 година. Се овозможува правна сигурност за општините како надлежни органи да може легално да ги завршат сите веќе почнати постапки, рече Стојаноски.
Оваа измена, објасни тој, не предвидува нови барања, туку е исклучиво во служба на оние граѓани што веќе поднеле документација и со години чекаат на својот имотен лист.