Мицкоски му порача на Касами дека е задоволен од Лимани

„Јас ја составувам Владата, ако некој тоа го заборавил, еве да го потсетам“, рече премиерот

од Nikola Popovski
17 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли шпекулациите за можно разрешување на министерот за труд и социјална политика, Фатмир Лимани, потврдувајќи ја својата целосна поддршка за работата на министерот.

За време на денешната посета на општина Карпош, Мицкоски беше прашан за гласините дека коалицискиот партнер, Движењето БЕСА, може да побара разрешување на Лимани. Премиерот беше цврст во својот став, нагласувајќи го својот авторитет како шеф на извршната власт.

„Јас сум мандатар на владата и јас ја составувам владата, ако некој тоа го заборавил, еве, јас да го потсетам“, изјави Мицкоски.

Лидерот на БЕСА, Биљал Касами синоќа рече дека голем дел од членството на неговото движење изразило загриженост за комуникацијата на министерот и дека тој како лидер на партијата може да предложи нов кадар за овој ресор кога на дневен ред ќе дојде реконструкцијата на Владата.

За тоа дека Касами се заигра во улогата на премиер навестувајќи смена и на министерот за правда Игор Филков, Мицкоски денеска одговори:„Не знам, тоа можете да го прашате господинот Касами“.