Атанасоски: Можеби има координирана операција за дискредитација и заплашување на Трендафилов, но во 2026 ваквите „режимски методи” од типот на Груевски ќе дадат контра ефект

Кој го следи Трендафилов со неговите деца и дали се користи безбедносниот апарат за сопствената пропагандна машинерија?

од Nikola Popovski
104 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

„Протестите пред институциите имаат политичка позадина“- вели премиерот Христијан Мицкоски. Според него претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов е инструиран од политичките партии во опозицијата. Стратегијата, преку него да се испорачуваат партиски барања со цел да се добие симпатии кај граѓаните е неуспешна, а целата јавност наскоро ќе знае дека на барикадите стојат партиски истакнати луѓе, посочи Мицкоски. Премиерот останува на ставот дека за минималецот треба да се договорат работодавачите и синдикатите. Подготвен е за дијалог за колективниот договор.

Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ. Според опозициската партија, владата ги игнорира барањата на работниците за достоинствени плати. Пратениците од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат законското решение на СДСМ во Собранието за 600 евра минималната плата и поддршка на компаниите, посочуваат од Бихаќка.

„Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра, а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купува авион на грбот на народот. За граѓаните и за работниците нема пари, само за луксузот на премиерот мора да има, така функционира оваа криминална власт, во мафијашки стил“, велат од СДСМ.

Обвинувањата отидоа дотаму со фактот што се сподели видео-снимка со децата на Трендафилов и како синдикалниот лидер ги зема од училиште со службеното возило. Премиерот дури испрати пофалби за оној што го стокмил видеото, кое беше објавено од пратеничката Дафина Стојаноска. Синдикалецот притоа беше опишан и како „волк во јагнешка кожа“ како што напиша Стојаноска. Според власта, снимката најверојатно е снимена од револтиран работник или член на ССМ, на кој му е преку глава од вакви, како што велат, „заштитници“ на работничките права.

Во јавноста се отворија повеќе дилеми за тоа кој го следи првиот синдикалец и му лепи „етикети“. Впечатокот е дека никој здраворазумен човек не може да поверува дека може да се живее и „преживее“ со мининална плата од 400 евра. Оттаму вели политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, лепењето на такви етикети кон првиот синдикалец, од страна на извршна или законодавна власт, во земја која е членка на НАТО алијансата и вели дека заслужува да стане членка на ЕУ, во најмала рака е невкусно и неприфатливо.

Благојче Атанасоски-Фото: Фејсбук/Принтскрин/Алсат

-Можеби е проектиран како вистински „лидер на опозицијата“ во очите на власта, бидејќи во моментов имаме уценета, контролирана и диригирана опозиција, посочува Атанасоски во разговор за „Локално“.

Соговорникот донекаде оценува дека можеби ова е координирана политичка операција со цел дискредитација на Трендафилов, но, смета дека во 2026 година, ваквите „режимски методи од типот на Груевски, не само што не поминуваат , туку ќе дадат и контра ефект“.

-Погледнете ги само реакциите на социјалните мрежи и се ќе ви стане јасно: кога ќе ги ставите на кантар пратеничката Стојаноска и првиот синдикалец Трендафилов кај огромното мнозинство, законодавката буди одвратност, погнасување, антипатија и секакви негативни чуватва. Силвана Бонева не беше толку „омразена богаташка со патарините“ отколку „богаташката со шесте стана“ според вордингот на Апасиев. Така што, ако тоа било намерата, мислам дека премиерот подобро би било „да ја пушти Ивона Талевска да ја заврши целата операција одошто да се оди на варијанта со Дафина“, објаснува Атанасоски.

Запрашан дали повторно гледа директна злоупотреба на државниот апарат од страна на ВМРО-ДПМНЕ, нешто што беше познато пред 2016 година, аналитичарот вели дека времето ќе покаже, иако, според него и времето е сменето.

-Граѓаните се разочарани и бесни и мислам дека веќе не може да им се всади таков страв како „во режимот“ на Груевски, односно повеќе има апатија и разочараност. Затоа владејачката партија изгуби околу 135.000 гласови помалку за година и половина, додека т.н. опозиција целосно пропадна во понорот на минатогодишните избори, анализира Атанасоски.

Соговорникот оценува дека можеби има обид за повторно поистоветување на државата со партијата и користење на безбедносниот апарат за сопствената пропагандна машинерија, но смета дека констелациите во општеството не се такви – и кај граѓаните и во медиумите ниту пак во однос на структурата на населението.

-Оваа генерација Z  не е таква која може да ја уцените со административно вработување и да барате „10 луѓе на список“. Напротив со авторитарно владеење може да создадете во неа најголем „политички противник“ нешто што се случи во соседна Бугарија. Мислам дека времињата на „ливче нека снема, а МВРО, а ВМРО, си запишав јас во тефтерчето“ не може да се повторат, макар и да има некој „скриена желба и порив“ да ги репризира, заклучува аналитичарот.

На прес-конференцијата од вчера, лидерот на ССМ тврдеше дека неговите деца биле следени и снимани, и побара кривичен прогон за лицата што стојат зад тоа, со оценка дека ваков случај би требало да предизвика политичка одговорност. Дополнително, тој јавно го прозва Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски со прашање дали „службите“ го следат него и неговото семејство, наведувајќи дека притисокот трае повеќе од една година. Засега од МВР не се огласија по повод ваквиот повик.