Касами: Мицкоски е мандатар, но БЕСА одлучува кој министер ќе биде предложен од нејзина страна

Запрашан за министерот Фатмир Лимани дали останува на функцијата, лидерот на БЕСА истакна дека како партија донеле одлука да се оцени работата на сите функционери

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Претседателот на БЕСА и еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами вели дека е свесен како премиерот Христијан Мицкоски е мандатар и тој одлучува кој ќе биде министер, но, додава, се додека е политичка влада во која учествува БЕСА како дел од коалицијата ВЛЕН, неговата партија одлучува кој министер ќе биде предложен од нејзина страна. Запрашан за министерот Фатмир Лимани дали останува на функцијата, Касами истакна дека како партија донеле одлука да се оцени работата на сите функционери.

-Во тој дел, јас лично ќе се ангажирам за сите функционери да достават извештаи за сработеното, па ќе се донесе одлука дали сме задоволни од работата на функционерите, меѓу кои и Лимани, кажа Касами синоќа на прес-конференција.

Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект. Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.

-Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци, соопшти вчера Касами.

Коментирајќи ги претходните наводи на Касами, премиерот вчера во изјава за медиумите рече дека е задоволен од работата на Лимани и дека тој претставува додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Го потсети Касами дека тој е мандатар на Владата и дека тој одлучува кој ќе биде дел од неа.

-Јас сум мандатар на владата и јас ја составувам владата, ако некој тоа го заборавил, еве, јас да го потсетам, кажа Мицкоски пред медиумите.