Полицајци на Полициската управа на Сараево го уапсија возачот на трамвајот А.К. (1978) под сомнение дека е одговорен за тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера во близина на Техничкото училиште, во која едно лице загина, а четворица беа повредени, пренесе „Кликс“.
Како што е потврдено, возачот моментално се наоѓа во службените простории на Полициската управа на Сараево Кантон. Тој е приведен поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „Тешки кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај во врска со кривичното дело Загрозување на јавниот сообраќај“.
Како што дознава Кликс, возачот веднаш бил алкотестиран и не е откриен алкохол во неговата крв.
Потсетуваме, страшната несреќа се случила вчера околу 12 часот. Трамвајот, кој се движел од правец на Железничката станица, со голема брзина влегол на раскрсницата во близина на Техничкото училиште, поради што излетал од шините, удрил во трамвајската постојка и ги покосил пешаците.
Епилогот од оваа несреќа е трагичен. 23-годишниот Ердоан Моранкиќ, студент од Брчко, почина на местото на настанот.
Во несреќата беа повредени четири лица. Најтешки повреди се здоби 17-годишната Ела Јовановиќ, која беше хоспитализирана во Општата болница „Прим. д-р Абдулах Накаш“. По несреќата, нејзината нога беше ампутирана.
Истрагата на местото на несреќата траеше речиси 10 часа, по што беше отстранет смачканиот трамвај, а сообраќајот во овој дел од градот беше нормализиран.
Синоќа за трагедијата зборуваше и министерот за транспорт на КС, Аднан Штета. Тој рече дека ќе инсистира на целосна одговорност и санкции за сите што придонеле за оваа несреќа.
„Откако ќе заврши истрагата и ќе се утврдат сите факти и пропусти, тие ќе имаат име и презиме“, рече Штета.
Обвинителството на кантонот Сараево објави дека ќе бидат спроведени сите потребни вештачења за да се утврдат точните околности и начинот на несреќата.