СДСМ: Советник на премиерот е кандидат за уставен судија – тотална партизација исто како во времето на Груевски

„Следува целосно погребување на правдата и правната држава“, предупредуваат од опозициската партија

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: СДСМ

СДСМ обвинува дека Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Христијан Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро. Според партијата, Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумовски.

„Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството. Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“, истакнуваат од „Бихаќка“.

Од СДСМ додаваат дека додека премиерот од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, се носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.

-Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски. Следува целосно погребување на правдата и правната држава, велат од партијата.

Претседателот на Комисијата за избори за избори и именувања, Ѓорѓија Сајкоски кој е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната седница го предложил Наумовски за нов судија и без дискусија и забелешки од ниту една од партиите, бил изгласан со мнозинство гласови.

Наумовски е редовен професор на катедрата Римско право и предава некоку предмети, Римско право, Право и информатичка технологија,  Право на трговски марки и географски називи; Патентно право, Спортско право, Реторика, Интелектуална сопственост, Правна реторика и аргументација.