Ѓорѓиевски: Јас не ја градам градската плажа, таа веќе беше таму

„Што се однесува до дивопоставените објекти насекаде низ градот, во предизборието граѓаните бараа ред. Јас кажав дека ред ќе има и знам дека во одредени процеси, некој тоа нема да го прими позитивно затоа што му го нарушува комодитетот кој што некој му го дозволил“, вели градоначалникот

од Nikola Popovski
65 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека се врши мапирање на сите црни точки во сообраќајот во главниот град. Според него, во координација со Министерството за внатрешни работи, ќе се отстрануваат 150 црни точки во Скопје во наредниот период. Вели дека една од тие точки е нефункционален семафор во општина Чаир, поставен уште пред пет години.

За реконструкцијата на градската плажа на кејот на реката Вардар, градоначалникот потсетува дека целиот потег бил едно буниште во минатото. Тврди дека тој не ја гради градската плажа туку таа веќе била изградена во минатото.

-Логички е кога нешто реконструираме, да го поправаме и да го доведеме во првобитна состојба. Знам дека многу граѓани уживаа таму во минатото. Ги реконструираме и сите игралишта заедно со министерот за спорт, а ќе продолжиме и накај Маџир Маало. Моја обврска е да ја поправиме старата градска слика за Скопје. За многу брзо во соработка со МЕПСО, ќе започнеме со обновување на тартан-стазата на кејот. Што се однесува до дивопоставените објекти насекаде низ градот, во предизборието граѓаните бараа ред, како и во претходните 30 години. Јас кажав дека ред ќе има и знам дека во одредени процеси, некој тоа нема да го прими позитивно затоа што му го нарушува комодитетот кој што некој му го дозволил, на сметка на граѓаните и градот. Тоа се луѓе кои, чест на исклучоци, кои што немаат никаков документ за поставување. Тоа се објекти кои што узурпираат велосипедски, пешачки зони и градски зелени зони, рече Ѓорѓиевски на почетокот на реконструкцијата на улицата „Лазар Трповски“ во Чаир.