Мицкоски во Минхен: Повторно се сретна со „4iG“, разговарал и со ланците супермаркети „Лидл“ и „Кауфланд“

Премиерот заедно со министрите за одбрана, надворешни и за внатрешни работи Мисајловски, Муцунски и Тошковски е во неколкудневна посета на Германија, каде што присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук

Премиерот на Македонија Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека во Минхен се сретнал со делегација на унгарската компанија 4IG. 4IG треба да биде новиот мобилен оператор во Македонија најавувајќи дека во земјава ќе инвестира над 100 милиони евра.

Инаку, Мицкоски пред само десетина дена имаше средба со истата компанија, на маргините на Светскиот економски форум во Давос, па се се поставува прашањето што толку се променило за да има две вакви средби во неполн месец.

Претходно премиерот оствари работна средба со менаџментот на германскиот гигант „Шварц груп“, под чија капа работат светски познатите брендови „Лидл“ и „Кауфланд“. Како што информира премиерот на социјалните мрежи, разговарале за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја.

-Ги отвораме вратите за домашните компании да ги пласираат своите производи во големите европски синџири. Продолжуваме да разговараме и привлекуваме реномирани светски компании, кои веруваат во потенцијалот на нашата држава, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

Премиерот заедно со министрите за одбрана, надворешни и за внатрешни работи Мисајловски, Муцунски и Тошковски е во неколкудневна посета на Германија, каде што присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција. Во рамките на конференцијата, премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници, како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.