Европската комисија ги одби сите предлози на превозниците од земјите од Западен Балкан за компромис околу ограничувањето на престојот во шенген-зоната. Брисел потврди дека тоа е конечна линија и дека транспортерите мора да се прилагодат на правилата, без посебни исклучоци за професионални возачи. Против новите правила за 90 дена престој во шенген зоната, превозниците од регионов спроведоа координирани протести и блокади на товарните гранични премини.
Поради ова, во наредните денови се очекува да следуваат нови форми на протест, со можни блокади на гранични премини и пристаништа.
Превозниците барале професионалните возачи да добијат посебна виза или документ што ќе им овозможи подолг престој и работа во Европската Унија без промена на живеалиштето, како и можност времето поминато на релации според патни налози да не се пресметува како престој.
Претставници на европските институции им порачале на здруженијата дека предлозите не се можни и не се во согласност со Шенген, а како единствен став го повториле барањето превозниците да се приспособат на правилото 90 дена во 180.
Новиот систем за влез и излез строго го ограничува престојот на возачите од земји кои не се членки на ЕУ на 90 дена во период од 180 дена, па поради природата на нивната работа, професионалните возачи многу брзо го достигнуваат овој лимит, по што им се заканува депортација или забрана за влез во ЕУ.
На претходните протести им се приклучија и македонските превозници со блокада на премините Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.