Меѓународната секретарка на СНС и претседателка на Српското собрание, Ана Брнабиќ изјавила дека соопштението на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) за српскиот претседател Александар Вучиќ е срамно и истакнала дека Вучиќ не кажал ниту еден лош или несоодветен збор за заменик-генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска.
Брнабиќ, во врска со тврдењето на најголемата опозициска партија во земјава дека Вучиќ се однесувал навредливо кон Шекеринска на маргините на Минхенската безбедносна конференција, истакнала дека претседателот најмногу ги почитува жените и дека постојано нагласува дека тие се столб на стабилноста во секое општество.
Таа побарала од СДСМ да не ги извртуваат зборовите на претседателот на Србија, повнимателно да слушаат што зборува Вучиќ и да не го релативизираат, како што вели, кршењето на меѓународното право и Повелбата на ООН во случајот со Србија.
„Прво на сите, сакам јасно да подвлечам дека Александар Вучиќ не кажа ниту еден лош или несоодветен збор за г-ѓа Радмила Шекеринска. Секој што сака и кого го интересира вистината, може да се увери во тоа слушајќи го снимањето од изјавите на претседателот на Србија од Минхен“, кажала Брнабиќ, пренесуваат српските медиуми.
Како што додала таа, секој што го познава Вучиќ и неговата работа дури и само површно, „знае дека тој најмногу ги почитува жените и дека постојано нагласува дека жените се столб на стабилноста во секое општество“.
Според неа, ако го погледнете тимот на Вучиќ во Кабинетот на претседателот или составот на Владата на Србија од 2014 година, можете да видите дека никој повеќе не им верувал на жените, кои се и негови најблиски соработници.
„Првата жена премиер во историјата на Србија ја назначи Александар Вучиќ, за разлика од СДСМ, кој никогаш не ѝ дал таква доверба на жена. Конечно, можно е дека СДСМ сака да нè убеди дека НАТО не извршил агресија и не го прекршил меѓународното право со бомбардирањето на Србија и Црна Гора, иако е тешко да се убеди самиот македонски народ бидејќи дел од тие бомби завршија таму“, рекла Брнабиќ.
Таа кажала дека е можно и дека СДСМ сака да ги „убеди дека со агресијата во 1999 година, НАТО не ја поддржал и не помогнал директно нелегалната еднострана декларација за независност на дел од територијата на Република Србија, што е сосема спротивно на основните принципи на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, на кои толку често се повикуваме денес“.
„Дури ни членовите на СДСМ не веруваат во тоа. Имајќи го сето тоа предвид, го молам СДСМ да не ги извртува зборовите на претседателот на Република Србија, внимателно да слуша што зборува Александар Вучиќ и да не го релативизира кршењето на меѓународното право и Повелбата на ОН во случајот со Србија. Што се однесува до довербата во жените, би било добро тие самите да ги следат принципите што ги постави Александар Вучиќ во својата работа“, вели претседателката на Српското собрание.
Според неа, СНС секогаш ќе реагира на ваквите подметнувања и дека македонскиот народ засекогаш ќе остане братски народ на српскиот народ.
„Ние сме единствените што имаме само пријателски односи со Северна Македонија, немаме претензии кон нивниот суверенитет и територијален интегритет и секогаш, благодарение на Александар Вучиќ, се обидувавме да им помогнеме кога беа во неволја. Србија, предводена од него, ќе продолжи да го прави тоа и во иднина, без разлика што ќе се случи“, заклучила Брнабиќ.
Полемиката се отвори откако СДСМ соопшти дека Вучиќ се однесувал навредливо кон заменичката генерален секретар на НАТО, оценувајќи дека во Минхен ја таргетирал со изрази кои ја нагласуваат нејзината припадност по пол и ја поврзал со „сецесија“ на дел од територијата на Србија, што партијата го претстави како пример за навреди наместо аргументи.
Од српска страна, во јавните реакции се наведува дека Вучиќ во Минхен ја критикувал Шекеринска во контекст на расправата за регионалните „сецесионистички“ пораки и го поврзал тоа со ставови за еднострано прогласената независност на Косово, додавајќи и забелешка поврзана со убиството на 16-те работници на РТС.