Трагично заврши потрагата по Виктор Илиоски од Прилеп

Од МВР посочуваат дека се преземаат сите потребни мерки и активности за целосно расчистување на околностите

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук

„Почина син ми“, со овие зборови Роза Илиоска ја сподели најтешката вест – дека заврши потрагата по нејзиниот син, прилепчанецот Виктор Илиоски.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 16 февруари 2026 година во 16:00 часот во СВР Битола било пријавено дека во кругот на Градската општа болница – Прилеп е пронајдено лице без знаци на живот. Станува збор за В.И. (40) од Прилеп.

Од Итната медицинска помош била констатирана смрт на местото на настанот, а за случајот веднаш бил известен јавен обвинител. По негова наредба, телото е предадено на обдукција со цел да се утврдат причините за смртта. Од МВР посочуваат дека се преземаат сите потребни мерки и активности за целосно расчистување на околностите.

Потрагата по Виктор започнала на 15 февруари во 16:15 часот, кога во ОВР Прилеп неговиот татко Д.И. (69) пријавил дека тој се оддалечил од домот. Според семејството, последен пат бил виден истиот ден околу 14 часот, по што му се губи секаква трага.

Случајот предизвика големо внимание во јавноста, особено по апелите на семејството за помош во пронаоѓањето. Повеќе информации се очекуваат по завршување на обдукцијата и истрагата.