Мехмети: ВРЕДИ може да ја спаси само надворешен фактор

„Има поголеми проблеми од тоа што изгледа бидејќи не се усогласени и коалицијата не беше основана на некои принципи или идеологија туку на интереси“, смета аналитичарот

од Nikola Popovski
37 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Телма Тв

Во ВРЕДИ има поголеми проблеми отколку што изгледа на прв поглед и доколку не се појави некој надворешен фактор кој ќе ги мотивира да ги надминат поделбите помеѓу поголемите и помалите партии внатре во коалицијата иднината на ВРЕДИ останува нејасна, изјави политичкиот аналитичар, Ибрахим Мехмети во вчерашната дебата во „Топ Тема“ на телевизија „Телма“.

„Иднината на ВРЕДИ е сè уште нејасна, мислам дека и за нив не е јасна не само за нас…  Таму (во Вреди) има односи кои не се така лесно решливи во смисла на односите на моќ во самата партија… Има поголеми проблеми од тоа што изгледа бидејќи не се усогласени и коалицијата не беше основана на некои принципи или идеологија туку беше заснована на интереси“, изјави Мехмети.

Според него, за коалицијата да успее да прерасне во партија потребно е лидерите на партиите да се откажат од своите лични амбиции и меѓусебно да се договорат за рамноправна распределба на „политичкиот плен“ во рамките на владината коалиција.