АРМ ќе прими уште 300 нови војници

Министерството за одбрана наскоро ќе објави конкурс за прием на 300 нови војници во Армијата

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Министерство за одбрана

Министерството за одбрана наскоро ќе објави конкурс за прием на 300 нови војници во Армијата, обелодени министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Тој информираше дека конкурсот ќе биде објавен откако ќе се добие потребната документација од Министерството за финансии, за да може приемот да започне напролет.

„Кога ќе пристигнат сите потребни документи од Министерството за финансии, ќе ги објавиме конкурсите, се надеваме во следниот пролетен семестар, за да можат што е можно повеќе луѓе да се пријават, да се натпреваруваат меѓусебно и да бидат дел од Министерството за одбрана, поточно од Армијата“, рече Мисајловски.

Тој нагласи дека интересот кај младите постои и дека кадарот на офицери и специјални единици е на високо ниво на обученост. Мисајловски додаде дека со зголемувањето на буџетот за одбрана ќе се создадат услови за подобрување на статусот и приходите на припадниците на Армијата.

„Минатата година, од јануари, сите вработени во Министерството добија зголемување на платите за 30 проценти. Кога ќе се зголеми буџетот на Министерството, сигурно ќе видиме дека кадарот е подобро платен, и ова можам да го ветам“, кажа синоќа министерот за одбрана.