„До Советот на Европа е доставено писмo за мерките против насилството и говорот на омраза против бугарската етничка заедница во Република Северна Македонија. Документот е адресиран до Комитетот на министри и е регистриран како писмено прашање бр. 806 од 17 февруари 2026 година“, објави денеска БГНЕС.
Текстот е потпишан од заменик-претседателката на пратеничката група на ГЕРБ-СДФ, Деница Сачева, претставник на Бугарија во Парламентарното собрание, од политичката група на ЕНП/ХД.
Во документот се наведува дека Парламентарното собрание, Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) и Комесарот за човекови права добиле бројни сигнали за говор на омраза и непријателски инциденти насочени против лица од бугарско потекло во Северна Македонија.
Се нагласува дека борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза е фундаментална обврска на земјите-членки на Советот на Европа и бара сеопфатен пристап. Меѓу потребните активности се подигање на јавната свест, обука на полициските и судските власти и систематско собирање детални податоци.
Авторката на текстот забележува дека во моментов не се преземаат конкретни мерки од страна на властите во Република Северна Македонија за ограничување на насилството врз бугарската етничка заедница.
„Повикувајќи се на извештајот за пост-мониторинг дијалогот со Македонија (Док. 16317, јануари 2026 година, став 96), текстот потсетува дека „според извештајот на ECRI од 2023 година, етничките Бугари понекогаш стануваат жртви на говор на омраза, се нарекуваат „фашисти“ и се физички нападнати“. Во истиот контекст, се споменува палењето на Бугарскиот културен клуб во Битолa на 4 јуни 2024 година, како и нападот врз секретарот на Бугарскиот културен клуб во Охрид на 19 јануари 2023 година“, пишува во испратеното писмо.
Посебно внимание се посветува и на законските измени од 2 ноември 2022 година, со кои македонското Собрание го измени Законот за фондации и здруженија. Нивната цел, стои во писмото, беше да се поништи законската регистрација на организациите на етничките Бугари, што покрена сериозни правни прашања, вклучително и поради ретроактивната примена на новите одредби.
Текстот на крајот се осврнува на две конкретни прашања до Комитетот на министри: дали е подготвен да ги повика властите во Република Северна Македонија да усвојат сеопфатни мерки за ограничување на насилството врз бугарската заедница и активно да се борат против говорот на омраза и злосторствата од омраза против Бугарите, како и какви чекори ќе бидат преземени во оваа насока.