Орце најави довршување на булеварот „Борис Трајковски“

Градоначалникот остварил средба со стопанствениците по должина на трасата и постигнале договор за забрзано спроведување на експропријацијата, процес кој во минатото останал недовршен

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Фејсбук

Еден од најгорливите инфраструктурни проблеми во Скопје конечно влегува во завршна фаза. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека е постигнат договор со стопанствениците за процесот на експропријација долж трасата на булеварот „Борис Трајковски“.

Тој вчера остварил средба со стопанствениците по должина на трасата и постигнале договор за забрзано спроведување на експропријацијата, процес кој во минатото останал недовршен.

Во најскоро време ќе биде објавена јавната набавка, а проекциите се дека изградбата ќе биде комплетирана до крајот на оваа календарска година. Оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево – заминуваат во минатото. На нивно место ќе никне современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека“, вели Ѓорѓиевски.

Булеварот „Борис Трајковски“ кој почнува од Кисела Вода – Рампа и завршува во Драчево, почна да се проширува и да се гради во времето на градоначалникот Коце Трајановски. Третата фаза се градеше во 2015 година, а четвртата до ден денес остана неизградена.