Панчевски негодува и поднесе кривична против Советот на јавни обвинители: „Небулозното оправдување дека сум немал стаж е уште еден срам кој историјата ќе го запише“

„Селективната правда нема да престане, а процедурата ќе се истурка како „секое чудо за три дена” - за скоро ќе се избере нов јавен обвинител и се ќе биде како досега“, објави еден од кандидатите за нов државен обвинител

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Фејсбук

Три обвинителки и еден судија го минаа филтерот на Советот на јавните обвинители за највисоката функција во фелата. Позитивните мислењата добија обвинителките Анита Тополова – Исајловска, Лидија Раичевиќ, Ленче Ристоска и судијата Ненад Савески. Сега на потег е Владата која треба да селектира еден кандидат и да го достави до Собранието на гласање.

Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски испадна од трката бидејќи, по видување на Советот не го исполнил условот за непрекинат стаж. Поради тоа, тој со материјален доказ  се огласи во јавноста.

Панчевски на својот Фејсбук профил објави официјална потврда издадена од Основниот кривичен суд Скопје, која директно ја оспорува ваквата одлука. Во потврдата, потпишана од судскиот администратор Дејан Нешовски, стои дека Панчевски бил судија во периодот од 08.02.2008 до 28.07.2020 година.

„Вкупен стаж: 12 години, 5 месеци и 20 дена (над законскиот минимум). Област: Постапувал во Одделението за организиран криминал и корупција, претходна постапка и прекршоци. Функција: Поранешен претседател на Основниот кривичен суд Скопје.

Заради вистината ќе споделам со вас дека Советот на јавни обвинители денес при очи сите не направи слепи, исто како што бевме убедувани дека сме слепи едно не така одамна мрачно време за референдумот на кој не сме гласале, а бил изгласан со мнозинство. Народот не е глупав, не е ниту слеп, ниту неписмен, но е погазен, еве по којзнае кој пат. Селективната правда нема да престане, а процедурата ќе се истурка како „секое чудо за три дена”, за скоро ќе се избере нов Јавен обвинител и се ќе биде, како до сега! Криењето зад советот со вакво небулозно оправдување дека сум немал стаж е уште еден срам кој историјата ќе го запише“, напиша Панчевски.

Во нова објава на социјалните мрежи, кандидатот за државен јавен обвинител соопшти дека ќе им поднесе кривична пријава на членовите на Советот.

„Ги повикувам Владата и органите на прогонот да се охрабрат и веднаш да постапат по оваа пријава за директна злоупотреба од страна на пријавените. Јавноста да го следи случајот! Од сите нас зависи! Инаку за исто кривично дело јас бев обвинет и осуден од овој ист судско – обвинителски корумпиран систем на две и пол години ефективен затвор, но во таа постапка немаше лица на кои им беа повредени права, ме осудија за апстрактна повреда. Да видиме дали законот допира до овие за ваква конкретна потешка повреда на права спротивно на закон“, стои, меѓу другото, во јавната објава на Панчевски.

Останува отворено прашањето дали по јавното објавување на овој документ, Советот на јавни обвинители ќе ја преиспита својата одлука или ќе понуди дополнително објаснување за дисквалификацијата на Панчевски.