Спасовски: Дурмиши повторно го нема на седницата за пратенички прашања, се правда дека бил зафатен со приватни работи

„Имате министер, па ако не може да дојде министерот, имаме заменик-министер, па ако не може со еден заменик, сменете го, ставете 2 или 3 заменици, бидејќи имаат многу обврски, натаму наваму“, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски ја критикува власта поради отсуството на дел од министрите на денешната седница за пратенички прашања. Според Спасовски, министерот за економија, Бесар Дурмиши повторно не е присутен на ваквиот тип на седници, при што во минатото како причина наведувал дека е „зафатен со приватни работи“.

Најавено е дека пратеничката Јованка Тренчевска ќе поставува прашања до министерот.

-Денеска повторно не е тука. Ваков однос кон Собранието најмалку може да има Бесар Дурмиши. Мислам дека крајно време е да го почитуваме ова и министрите да бидат тука. Имате министер, па ако не може да дојде министерот, имаме заменик-министер, па ако не може со еден заменик, сменете го, ставете 2 или 3 заменици, бидејќи имаат многу обврски, натаму наваму, нека дојдат овде. Или нека кажат не сме спремни да одговораме на пратенички прашања. Затоа вие претседателе треба да го обезбедите да биде присутен за да продолжиме со работата. Бесар Дурмиши не е тука, заменикот Марјан не е тука и сега која е смислата за поставување на пратенички прашања за да ги одговараат писмено? Секој ден имаме право за писмени прашања, рече Спасовски.

Пратеникот побара пауза од еден час за да може да дојде Дурмиши во Собранието, по што треба да продолжи седницата за пратенички прашања.