СДСМ: Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!

„Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, прашуваат од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

СДСМ денеска преку соопштение повторно се осврна на прашањето за евентуална набавка на нов владин авион, иако премиерот Христијан Мицкоски вчера информира дека Владата се откажува од купувањето на воздухоплов.

„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ.

Од опозициската партија прашуваат и „освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?“.

„Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.

Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!

Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.

Мицкоски вчера порача дека иако со лидерот на СДСМ се договоривле да не се критикува набавката на авион, бидејќи е државна потреба и ќе го користат и следните влади, а ќе биде наменет и за хуманитарни цели, од опозициската партија не си останале на зборот.

Мицкоски информира и дека досега, владиниот авион го има користено четири пати, за службени патувања во Будимпешта, Белград и Сплит, каде на работната вечера со хрватскиот претседател Зоран Миловановиќ долетал со комерцијален лет, а по тридневниот престој, се вратил со владиниот авион. Тој ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека на летување бил со авионот.

Актуелниот „Лирџет 60“ е произведен во 2004-та година во Соединетите Американски Држави. Има седум седишта и спаѓа во категоријата бизнис авиони, со долет на средни линии. Може да лета низ Европа и до Блискиот Исток, но не и на прекуокеански летови.