Стојаноска со својa „математика“: Парите за минималецот можат да се најдат на Водно, Дубаи и Струмица

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ можат да обезбедат пари за минималецот „ако го вратат она што го испокрадоа“

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Фејсбук

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска со свои предлози и „математики“ како да се зголеми минималната плата на 600 евра и останатите плати за 6000 денари, како што е барањето на ССМ и работниците. Наместо Владата, Стојаноска предлага СДСМ да обезбедат пари и тоа, како што вели, да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7-годишно владеење.

„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото. Ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели. Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, стои во јавната објава на Стојаноска.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера порача Владата го охрабрува бипартитниот дијалог и повтори дека минималната плата ќе се зголеми согласно законот. Тој најави дека на почетокот на март се очекува состанок на Економско-социјалниот совет, каде што Владата, како што рече, може да помогне во процесот на усогласување меѓу двете страни.

Премиерот посочи и дека Владата како работодавач веќе постигнала договор за најголемиот дел од вработените во владините институции, со рамка што, според него, важи до 2028 година. Пораката до приватниот сектор, пак, е дека државата нема да „сугерира“ како компаниите ќе ги уредуваат односите со своите вработени, туку ќе се држи до законскиот механизам за минималецот.

Собранието денеска треба да ја продолжи 85. седница, а на дневен ред се Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, предложен од опозицијата. Со него, поднесен од од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, се предлага минималната плата во државата да изнесува 600 евра.

„Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра. Дополнително, пратеничката група на СДСМ веќе предложи конкретни буџетски ставки од кои може да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата. Тоа значи – пари има, потребна е само политичка волја. Нема повеќе оправдување дека нема пари. Сите пратеници да дадат поддршка на Законот и да гласаат за 600 евра минимална плата. Без изговори. Без калкулации. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат плати какви што заслужуваат“, апелираат од опозициската партија.