Митева: Интегритетот на Жерновски во политиката е еднаков на стара витрина со пајажина

„Се работи за решение донесено пред речиси три месеци со кое тужбата на Жерновски е отфрлена“, вели владината портпаролка откако членот на СДСМ ја обвини дека однапред знае пресуди за судски процеси

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Фејсбук/Марија Митева

По денешната прес-конференција и обвинувањата на членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски, реагираше портпаролката на Владата, Марија Митева. Претходно од опозицијата порачаа дека портпаролката признала дека судската власт во Македонија е под директен диктат на премиерот Христијан Мицкоски.

„Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС“, објави Митева.

Жерновски посочи дека портпаролката на Владата изнела информации за неговиот судски процес против МНР, наведувајќи дека неговата жалба е изгубена, иако, како што рече тој се уште не добил никаква пресуда ниту од судот ниту од неговиот адвокат.

„Јас секогаш стојам на кажаното. Фактите се јасни, станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано. Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста. За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет“, укажа, меѓу другото, Митева.

Жерновски во вчерашната дебата и порача на владината портпаролка Марија Митева дека „влегла во дебел офсајд“.

-Од каде ви е вас информацијата за мојата пријава во судството, праша членот на ИО на СДСМ, на што доби одговор од Митева дека „гласините велат“.

„Ова се зборовите. „Само немојте како изгубената жалба против претседателката Силјановска“, односно „моите информации„, ја цитирам портпаролката, “говорат дека ви е изгубена жалбата“, кажа членот на СДСМ.

Жерновски: Митева фатена во „дебел офсајд“ – од каде знае дека сум изгубил судски процес, а пресудата се уште не сум ја добил?