„Се уште официјално го немаме добиено записникот од Советот за јавни обвинители. Да го добиеме, па ќе се произнесеме“, рече премиерот Христија Мицкоски откако Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител.
Сепак, премиерот информира дека „не се сите во игра“, запрашан за обвинителката Ленче Ристоска.
-Апсолутно не се сите во игра и мојот став поврзан со тоа име е дека тоа име не е во игра. Ако искристализиравме, од четворица, тројца се, рече Мицкоски во емисијата „Само интервју“.
На почетокот на месецов, Ристоска во телевизиско интервју рече дека очекува да биде избрана за републичка обвинителка и дека затоа и конкурирала. Посочи дека на огласот се пријавила не за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет. Одлуката на Ристоска да се пријави на огласот за избор на нов државен јавен обвинител се случи во период на нејзин отворен конфликт со премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Ристоска, која е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда), на почетокот на годинава реагираше дека премиерот во неодамнешно интервју изнел навреди и неосновани професионални дисквалификации за неа, односно „неточни и понижувачки вредносни судови“, имплицирајќи дека е „медиокритет со клиентелистичко-политичка матрица“, дека, како што вели, дополнително ја поврзал со целосно измислени тврдења за изјави кои не ги дала, „со очигледна тенденција да се доведе во прашање нејзиниот професионален интегритет“.
Поранешниот претседател на скопскиот, Кривичен суд Владимир Панчевски тврди дека неосновано е дисквалификуван од трката за државен обвинител. Побара десетмината членови на Советот на јавните обвинители кривично да одговараат за злоупотреба на службената положба.
„Оваа кривична пријава е одраз на трулиот судско – обвинителски систем и предизвик Јавното обвинителство и МВР да отворат постапка по допрен глас и да расчистат со контаминираните кадри кои незаконски одлучуваат потешко повредувајќи ги правата на граѓаните, носат селективна правда и го рушат угледот на судскиот систем“, објави Панчевски на профил на социјална мрежа.
Советот едногласно констатираше дека Панчевски иако има 12 години стаж во моментов не е ниту судија, ниту обвинител што го прави неподобен за највисоката обвинителска функција.
Имињата на четворицата кандидати кои го минаа филтерот на Советот одат на одлучување во Владата.