Орце на свечен отчет пред речиси 900 лица повтори дека го исчистил Скопје за 72 часа и дека се модернизира јавниот превоз

„Го исчистивме градот во најголемата акција досега - над 2.500 луѓе, стотина возила и повеќе од 4.500 тони отпад отстранети за 72 часа“, порача градоначалникот

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук

На 100 дена од мојот мандат како градоначалник на Скопје покажавме дека Скопје знае и ќе оди напред. Ова е само почеток, порача синоќа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на отчетот на 100 дена од мандатот под мотото „Скопје го градиме заедно“. Наместо на прес-конференција пред новинари и медиуми, отчетот се одржа во салата на македонската Филхармонија пред речиси 900 луѓе, колку што е капацитетот на салата.

Градоначалникот навел дека „кога ја презел одговорноста да го води Скопје, знал дека не го чека лесна задача“. Вели наследивме град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра.

„Сто дена подоцна – резултатите се видливи. За само три месеци ги намаливме обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивните трошоци и воведување финансиска дисциплина. Ја стабилизиравме исплатата на платите во јавните претпријатија. Отстранивме над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа. Ставивме ред таму каде што со години владеел неред.

Го исчистивме градот во најголемата акција досега – над 2.500 луѓе, стотина возила и повеќе од 4.500 тони отпад отстранети за 72 часа. Го расчистивме коритото на Вардар, ги вративме јавните простори на граѓаните, поставивме стотици заштитни столбчиња и отстранивме десетици нелегални објекти.

Ги деблокиравме клучните инфраструктурни проекти што со години стоеле во место, клучката кај ,,Момин Поток”, булеварот ,,Македонија” со подземната сообраќајница, улиците ,,Љубљанска” и ,,Перо Наков”, реконструкцијата на ,,Фрањо Клуз“, порачал, меѓу другото, градоначалникот.

Во следниот период најави кружни текови кон центар и пуштање на првата подземна сообраќајница, изградба на монтажни гаражи од кои првите ќе се градат во кругот на Клиничкиот центар, решавање на проблемот со уличните кучиња, проширување на капацитетите на Лајка, изградба на зелени површини, соодветен третман на депониите како и реализација на други проекти.

Во делот за недостигот на автобуси и проблемот со гужвите на автобуските станици, Ѓорѓиевски во својата објава посочува дека „со силна поддршка на Владата на Република Македонија, го модернизираме јавниот превоз, со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт“. Особена благодарност Ѓорѓиевски упати до премиерот Христијан Мицкоски, за кого рече дека како никој досега покажал вистинска грижа за граѓаните и поддршка за Скопје.