Левица бара од Сиљановска да не го потпишува новиот закон за легализација на дивоградби

„Се стимулира нов бран дивоградби, се девалвира правниот поредок“, порачуваат од партијата на Апасиев

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук

„Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, како пратеник јасно потенцираше дека етички и правно е невозможно да се повикуваме на владеење на правото, а истовремено да носиме закони со кои се уредува „правниот статус“ на бесправно изградени објекти. Таа тогаш со право укажа дека не може да се утврди легитимитет на нешто што е изградено спротивно на законот и дека ваквите решенија претставуваат директен удар врз урбанистичкото планирање и правната сигурност“, потсетуваат од Левица и бараат од претседателката да не го потпишува законот со кој продолжува рокот за легализација на бесправно изградените објекти.

Вчера, Собранието повторно го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходно утврдениот рок 3 март 2026 година. Со тоа, процесот што требаше да биде временски ограничена и исклучителна мерка, наместо 15 ќе трае 20 години.

„Секое ново пролонгирање испраќа јасна порака дека прекршувањето на законот на крајот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните што инвестирале време и средства за да градат прописно остануваат изиграни.

Со ова се девалвира правниот поредок, се поткопува довербата во институциите и се стимулира нов бран дивоградби, затоа што очекувањето дека „ќе има нов рок“ станува рационална калкулација. Наместо да се воспостави ред и да се зајакнат инспекциските и урбанистичките механизми, државата повторно избира амнестија како модел на управување.

Од аспект на владеење на правото, ова е преседан со сериозни последици. Законот што требаше да биде исклучок станува правило, а времената мерка се претвора во трајна практика. Правната сигурност подразбира предвидливост и доследност, а не постојано поместување на рокови под политички притисок. Урбанистичкото планирање не е административна формалност, туку инструмент за заштита на јавниот интерес, животната средина, безбедноста, инфраструктурата и квалитетот на живот. Со легализирање на бесправното, без јасна стратегија и краен рок што навистина ќе биде конечен, се релативизира самата идеја за законитост.

Левица останува на ставот дека дивоградбите не смеат да бидат предмет на бесконечни амнестии, туку на системско решавање кое ќе направи јасна разлика меѓу социјалниот, неизбежниот случај и профитерската злоупотреба. Затоа ја повикуваме претседателката да остане доследна на сопствените јавно искажани принципи и да не го потпише овој закон“, стои во партиското соопштение на Левица.

До 2031-ва сите нелегално изградени објекти за кои сопствениците поднеле барање за легализација треба да бидат институционално решени. Нема да се примаат нови барања, туку само да се официјализираат заостанатите предмети во институциите. Ако не се продолжи рокот, граѓаните ќе останат во лавиринтот на институциите, а тоа не е владеење на правото рекоа од мнозинството.

Опозицијата со став дека треба да се менува целиот систем за градење и урбанистичко планирање.

Поради тоа што не е мината на надлежните комисии точката за зголемување на минималната плата поднесена од опозицијата, не се разгледуваше на пленарна седница.