Муцунски иницирал средба со новата министерка за надворешни на Бугарија

Министерот упатил искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посакал успех во извршувањето на функцијата

од Nikola Popovski
13 прегледи

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски денеска остварил телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.

Како што соопшти на социјалните мрежи, Муцунски упатил искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посакал успех во извршувањето на функцијата.

„Во разговорот нагласив дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка. Воедно, иницирав билатерална средба која би се реализирала во наредниот период“, информираше министерот Муцунски.

Нејнски ја презеде функцијата вршител на должноста министер за надворешни работи на Бугарија  на церемонија во Министерството за надворешни работи. Нејнски се враќа на старата функција која веќе ја водела во периодот 1997-2001 година. Помеѓу 2015 и 2021 година, таа била и бугарски амбасадор во Турција.