Сопругата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, Мартина ги демантира наводите на СДСМ дека носеле чанта од 30 илјади долари на вчерашниот свечен отчет по повод 100 дена мандат на нејзиниот сопруг на позицијата во Град Скопје. Како што објави, нејзината чанта има цена помала од 1000 денари.
„Мојата чанта не е некакви 30 000 долари како што тврди СДС, ниту е Хермес, туку е купена од продавницата на Obuca Metro Македонија, и тоа на попуст за 944 денари. Истата нема никаква врска со брендот Hermès, ниту по потекло, ниту по цена, ниту по вредност, ниту пак носи натпис на брендот. Доколку не веруваат, може да им ја подарам мојата на увид, а може и самите да ја посетат продавницата, има одлични работи за супер ефтини цени за луѓе кои живеат скромен и чесен живот.
Има сѐ уште на располагање од истиот модел на поголема варијанта од малата чанта. Обидот преку евтина конструкција да се создаде наратив за „луксуз“ и „аздисаност“ служејќи се со лаги и клевети во најмала рака е безобразно. Не е мое да коментирам политички, но вмешувањето на потесно семејство во отсуство на вистински аргументи и ширење на лажни вести не е политика, туку дно“, истакна сопругата на Орце и побара извинување од СДСМ, а доколку не добие, најави тужба за клевета.
Во партиското соопштение на СДСМ се вели дека чантата е од брендот „Хермес“, еден од најексклузивните и најскапи бренд чанти во светот и дека „вакви чанти, Hermes mini Kelly 2 (20 cm) чинат од 28.000 до 33.000 долари“.