Функционери од претходната влада се осомничени за шверцот на марихуана, вели Мицкоски

Премиерот за запленетата марихуана: „Има фирма која што е сопственост на поранешен претседател на СДСМ во Ново Село односно негов син, итн. Да не одиме повеќе во детали“

од Nikola Popovski
47 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека има информации во врска со марихуаната која беше фатена во Србија, при што кажа дека функционери од претходната власт на СДСМ и ДУИ биле инволвирани во целиот случај.

Тој додаде дека во интерес на истрагата не може да даде повеќе информации. Изјавата на Мицкоски следува по потврдата на министерот Панче Тошковски дека се поднесени кривични пријави против десет осомничени лица поврзани со случајот.

-Во интерес на истрагата, не би одел чекор понапред, можеби Министерството може да сподели некој детал. Тоа што го имав за овој случај го кажав. Има функционери, но од претходната Влада. Има фирма која што е сопственост на поранешен претседател на СДСМ во Ново Село односно негов син, итн. Да не одиме повеќе во детали. Можеби МВР може повеќе да сподели, јас имам одредени информации, но, во интерес на истрагата би се задржал на ова што можам да го кажам, рече Мицкоски кој беше на увид на градежните работи на Коридорот 8 во Гостивар.

Во интервју за „Локално“, првиот полицаец во државата, Тошковски, за запленетите 5 тони, рече дека во однос на преминувањето на границата кон Србија, согласно воспоставениот One Stop систем, знаеме дека секоја држава го штити својот влез, односно кога излегувате од Македонија, контролата е на влез во Србија, односно во надлежност на српските органи.

-Тоа е во делот на Министерството за внатрешни работи. Во делот на надлежностите на останатите институции ќе покаже истрагата, кажа министерот, додавајќи дека пораката до сите што мислат дека Македонија може да им биде транзит или пазар е јасна и тука повеќе нема плодна почва за нарко-криминал.

Интервју со Тошковски: Пораката до сите што мислат дека Македонија може да биде транзит или пазар е јасна и тука повеќе нема плодна почва за нарко-криминал

Слични содржини