Владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција упати тешки обвинувања за партиско влијание врз судството во времето на претходната власт. Членот на Централниот комитет на партијата, Валентин Манасиевски, го посочи случајот со поранешниот врховен судија Ристо Катевеновски како директен доказ за политичките нарачки.
„Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден“, истакна Манасиевски, објаснувајќи дека екс-судијата Катевеновски тврди оти бил разрешен токму затоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти, а кој бил поврзан со поранешната министерка Гордана Јанкулоска.
Според Манасиевски, откако Катевеновски на рочиште зад затворени врати кажал дека нема да даде позитивно мислење и дека ќе се консултира со колегите, одмаздата била експресна:
„По само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски… Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен.“
Тој директно ги посочи поранешните лидери на власта како нарачатели на ваквите одлуки:
„Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети. Правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна.“
Манасиевски заклучи дека ова е само уште еден доказ за целокупното партизирање на системот кое го правела претходната власт:
„Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции“.