Украинските сили ослободија 300 квадратни километри територија во нова јужна контраофанзива, изјави претседателот Володимир Зеленски во интервју за АФП. Неговата порака доаѓа во време на зголемен американски притисок врз Киев да разгледа територијални отстапки како дел од евентуален мировен договор.
„Не можете да кажете дека ја губиме војната. Искрено, сигурно не ја губиме, сигурно“, рече Зеленски. „Прашањето е дали ќе победиме“.
Зеленски не прецизирал точно во кој сектор од јужниот фронт се одвивала операцијата или во кој период, но рече дека може да „и честита на армијата и на сите одбранбени сили“ бидејќи, како што тврди, биле ослободени 300 квадратни километри.
Во текот на февруари, на социјалните мрежи се појавија бројни снимки од борби во областа каде што се среќаваат регионите Запорожје и Дњепропетровск. Ова е дел од фронтовската линија што е исклучително нестабилен од есента минатата година, откако руските сили го забрзаа својот напредок против ослабените украински бригади, наведува „The Kyiv Independent“.
Според достапните податоци од отворени извори, украинските напредувања се главно поврзани со операции за расчистување и стабилизирање на теренот во рамките на широката спорна „сива зона“, наместо со пробивање на длабоко вкоренетите руски одбранбени линии.
Во текот на изминатата година, украинската армија главно дејствуваше во стратешка одбрана, додека Русија започна обновена копнена офанзива во 2025 година, концентрирајќи ги силите во источниот регион Донецк и интензивирајќи ги операциите во регионот Запорожје.
Според податоците од проектот „DeepState“, руските сили окупирале вкупно 4.336 квадратни километри украинска територија во 2025 година.
Изјавата на Зеленски следеше по дводневните мировни преговори во Женева под покровителство на САД. Клучното прашање останува статусот на Донбас. Русија продолжува да бара целосно повлекување на украинските сили од регионот како предуслов за договор.
„Сè уште не сме нашле конструктивни решенија за територијалните прашања“, призна Зеленски на 20 февруари.
Киев го отфрла барањето на Москва и верува дека замрзнувањето на сегашната фронтова линија би била најреална основа за прекин на огнот. Во такви околности, тврдењата за ослободување на територии имаат и силна политичка димензија, насочена кон домашната и меѓународната јавност.