„До денес нема официјална одлука на Европската комисија, Европскиот совет или Европскиот парламент која предвидува прием на земја како полноправна членка без гласачки права. „Доколку стане и официјална позиција на ЕУ дури тогаш може да се разгледува“, порачуваат од СДСМ откако премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека Македонија би можела да се приклучи кон Европската унија веќе во 2027 година, но на начин кој ќе ја постави државата на „брза лента“ без право на глас. Според него, ова сценарио е дел од поширокиот мировен план за Украина и моментално се разгледува и во Брисел.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска оценува дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не сакаат во Европа.
„Тие водат антиевропска кампања, претставувајќи ја ЕУ како „булинг“ кон Македонија, наместо да признаат дека критиките од ЕУ се резултат на неисполнети обврски и реформи неопходни за членство. Намерно создаваат проблеми со соседите ги блокираат уставните измени и со тоа ја држат државата во стагнација.
Не ја сакаат ЕУ затоа што тогаш би морале да престанат со нетранспарентни тендери, партиски вработувања и контрола врз буџетот – а тоа не им одговара.
СДСМ е за Европа, за нас нема друга алтернатива, ниту БРИКС ниту изолацијата не се опција“, порача Кузеска.
Мицкоски вчера од Конференцијата „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“, посочи дека во моментов треба да се обрне внимание на иницијативата, за која сè повеќе се зборува во политичките кругови во Брисел, а тоа е т.н. прва и втора лига земји-членки, односно т.н. градуална или постепена интеграција.
„Затоа треба многу добро да размислиме, во однос на тоа што сега се заговара за прва и втора лига членки на ЕУ, односно за градуална или постепена интеграција, со многу заштитни механизми и како регион да донесеме одлука што мислиме и како мислиме да постапиме. Бидејќи и сега имаме земја што ја нарекуваат „фронтранер“. Се сеќавам дека и нас нè убедуваа дека сме фронтранер, само ако можеме да создадеме нова ентитетска структура на Балканот која ќе се нарекува „Северномакедонци“, па тогаш птиците ќе пеат и сè ќе биде убаво. Но реалноста е сосема поинаква и затоа треба да сме свесни за сите предизвици со кои ќе се соочуваме во годините што следат“, додадеп премиерот.