Чупеска: Изгледа некои премиери го помешале Обвинителството со сопствен избор на „мис“

„Кога политичарот ќе влезе во судницата, правдата по дефиниција излегува низ прозорецот“, вели Чупеска за исклучувањето на Ристоска од трката за државен јавен обвинител

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Фејсбук

Професорката и поранешната потпретседателка на СДСМ, Ана Чупеска, се огласи на социјалните мрежи откако премиерот Христијан Мицкоски јасно стави до знаење дека обвинителката Ленче Ристоска не е кандидат што Владата го разгледува за функцијата државен јавен обвинител. Чупеска потенцира дека ова е пример за „заробена држава“ кога извршната власт се меша во судската.

„Изгледа некои премиери го помешале Обвинителството со сопствен избор на “мис”, па почнаа јавно да оценуваат кој е ‘подобен’, а кој не.

Да појасниме: Во демократија, премиерот не ги бира обвинителите како на пазар (‘овој ми прави мерак, овој не чини’).

Ако политиката е таа што дефинира кој е ‘подобен’ да гони криминал, а кој не е, тогаш не очекувајте правда – очекувајте нарачана послушност. Уште колку пати ќе го гледаме истиот лош филм за ‘заробена држава’?! Кога политичарот ќе влезе во судницата, правдата по дефиниција излегува низ прозорецот“, порача Чупеска во објавата на социјалните мрежи.

Бившата обвинителка на СЈО реагираше на изјавата на претседателот на Владата во која вели дека кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.

„Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели во реакцијата Ристоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека се бара интегритет, а не подобности како десна рака на екс-шефицата на СЈО, Катица Јанева. Има јасни критериуми, а она на што е таа навикната не се едни од нив.