Како од толку угледни бизнисмени во Србија Владата го избрала Адамовиќ со криминално минато, прашуваат од „Бихаќка“

СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: „За назначување почесен конзул, одлука носи Владата на седница“

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

„За назначување почесен конзул, одлука носи Владата на седница. Толку. Тука завршува прашањето на одговорност“, објаснуваат од СДСМ за назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во Србија. Од опозициската партија истакнуваат дека ВМРО-ДПМНЕ вели дека исполнувал критериуми, ама не кажуваат кои.

-Дали близината со Мицкоски? Или тоа што е висок функционер на СНС, нивната сестринска партија? Сестринската партија, очигледно, има многу такви функционери. Еден од таквите функционери и финансиери на СНС беше уапсен во акција поврзана со 5 тони дрога што дошла од Македонија.

Дали е исполнување на критериум за Македонија да се пишува дека „Српска Македонија“ била окупирана? Дали бројните афери со оружје, престрелки и напади со бомби, сите со криминална позадина, значат исполнување на критериумите? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него, прашуваат од СДСМ и бараат премиерот Христијан Мицкоски да излезе и да одговори – „Како од толку угледни бизнисмени во Србија Владата го избрала Адамовиќ со криминално минато за почесен конзул на Македонија“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение реагира на обвинувањата што портпаролката на СДСМ денеска ги изнесе во врска со прогласувањето на Адамовиќ. Во краткото партиско соопштение се вели дека предлогот Адамовиќ да биде конзул во Србија е на амбасадорот во оваа земја. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тој ги исполнува сите критериуми за дипломат и за негово поставување за конзул.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не сакаат да се вмрежуваат во дневно-политичките настани во соседна Србија иако, како што велат, желбата на СДСМ е огромна за тоа.