Ѓорѓиевски: Убеден сум дека до јуни ќе стигне првата пратка на автобуси, но тоа не зависи од мене

„Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт на централно ниво, тогаш се обновува флотата на автобуси на ЈСП“, тврди Ѓорѓиевски, иако последната набавка е од времето на екс-градоначалникот Шилегов

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Фејсбук/Орце Ѓорѓиевски

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски оценува дека е важно што имаме владина одлука за нови 100 автобуси за потребите на јавниот градски превоз, но истакна дека на крајот на денот,

-Веќе се во финална фаза за распишување на тендерската постапка. Убеден сум дека до јуни и јули би стигнала првата пратка на автобуси, но тоа не зависи од мене и чесно јас да го кажам. Јас можам да кажам кога ќе заврши клучката Момин поток. Јас сум многу прецизен кога кажувам дека булевар „Борис Трајковски“ ќе биде завршен до Нова година, како и мостот „Љубљанска“. Овде сум убеден дека Владата ќе обезбеди автобуси за граѓаните, но динамиката треба да се искоординира со нив, кажа градоначалникот синоќа во „Тема на денот“.

Ѓорѓиевски информира дека откако дошол на функцијата, 30-тина автобуси на ЈСП Скопје биле ставени во возна состојба, а претходно биле расипани. Тој потсети дека месец март беше спомнат од владини претставници како рок за кога би дошле новите автобуси.

-Мораме да споменеме еден факт – секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт на централно ниво, тогаш се обновува флотата на автобуси на ЈСП. Не можеме да споредиме бројка од 5,30,15…, рече градоначалникот откако му беше кажано дека последната набавка на нови автобуси е од времето на екс-градоначалникот Петре Шилегов кога биле купени 30 на број.

На 30 јануари, премиерот Христијан Мицкоски за планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси изјави дека за тоа на владина седница е „донесена одлука, во рамките на ‘Влада со Влада’ договорот којшто го имаме со Унгарија“.

Во Скопје и понатаму јавниот превоз е нередовен. ЈСП „Скопје“ нема доволно автобуси па затоа се вози по редуциран возен ред. Граѓаните од населбите каде минува само еден автобус и понатаму чекаат на станиците не знаејќи кога ќе им дојде возило.