Димитров: Мора да го надминеме предизвикот со Бугарија на начин што ќе оневозможи да направиме чекор и пак да треснеме во ѕид

„Било што конкретно за Македонија е подобро од статус-квото“, вели екс-министерот околу дебатата за евентуално членство во ЕУ без право на глас

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Тв Телма

Во однос на дебатата за можно „второлигашко“ членство на Македонија во ЕУ до 2027 година, но без право на вето и без право на комесар, поранешниот вицепремиер и претседател на невладината „Солуција“, Никола Димитров оценува дека Брисел се соочува со тешки предизвици со проширувањето поради темата за Украина и поширокиот план со Западен Балкан. Вели дека се уште нема официјален документ кој што може да се прочита туку се е врз основа на разговори и дебати.

„Било што конкретно е подобро од статус-квото. Нашата задача е да го следиме дијалогот и да имаме комуникации со сите земји-кандидати. Имаше изјави од неколку лидери во регионот, меѓу кои и Рама кој рече „за нас нема проблем да немаме вето“. Црна Гора, пак има извесни резерви по прашањето бидејќи чувството таму е дека се најблиску до старото членство. Нашата задача е да сме отворени во дебатата, да не не фати неподготвени, особено во делот на првиот кластер каде што се суштинските реформи. Мора да имаме една визија како да го надминеме предизвикот со соседот Бугарија, на начин што ќе оневозможи да направиме чекор и пак да се треснеме во ѕид, туку тој чекор да води кон нашата конечна цел. Кај нас, со овие модели се менува наративот“, рече Димитров во емисијата „Директно“.

Според него, во пакетот, уставните измени се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција и толку, а потоа следуваат други работи. Димитров посочува дека имаме оправдана грижа дека може да има нови блокади на патот во иднина, а друго е ако зборуваме за некакво „повратно членство“.