Груби не беше уапсен туку сам се пријави на граничниот премин и дополнително е многу симптоматично тоа што службениците кои го приведоа не се од граничната полиција туку од друг полициски оддел, што значи дека или знаеле дека ќе дојде или случајно се нашле таму да го приведат, изјави пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска на вчерашната дебата во „Топ тема“ на Телевизија Телма.
„Театарот беше на границата а во судницата видовме договор, со тоа што по испрашувањето, човек којшто избегал, кој бил надвор од државата 14 месеца…за кого е изречена мерка притвор од 30 дена, сега кога се враќа во државата, кога сам се пријавува, се преиначува оваа мерка на куќен притвор“, изјави Тренчевска.
Според нејзе тоа укажува на долго преговаран договор пред Груби да се врати во државата со кој мерката притвор се променува во куќен притвор што е недозволиво, додавајќи дека не може за многу помали кривични дела да се одредува мерка притвор од од неколку месеци додека за некој којшто избегал од државата постоечката мерка да му се преиначи во куќен притвор.