Федекс ја тужи владата на САД за изгубените средства од нелегалните царини

Корпорацијата „Федекс“ поднесе тужба против владата на САД во обид да добие „целосeн поврат на средствата“ за царините кои минатата недела Врховниот суд ги прогласи за нелегални.

од Кристијан Димков
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/WSJ News

„Тужителите бараат целосно враќање на средствата од обвинетите за сите давачки што ги платиле на САД според IEEPA“, се вели во соопштението на „Федекс“, повикувајќи се на царините воведени според Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (IEEPA).

Тужбата е поднесена во Американскиот суд за меѓународна трговија (CIT).

Доналд Трамп, неодамна изјави дека САД не планираат да им ги враќаат парите на компаниите за царините воведени на голем број странски држави минатата година, а кои Врховниот суд на САД во петокот ги поништи.

Прашан на прес-конференција во Белата куќа дали пресудата на Врховниот суд ќе резултира со враќање на средствата на компаниите, Трамп изјави дека неговиот тим нема планови да ги врати парите.

„Претпоставувам дека за тоа ќе мора да се оди на суд во следните две години. Значи, тие ја напишаа оваа ужасна, погрешна одлука, сосема погрешна. Речиси како да не ја напишале паметни луѓе. Ќе бидеме на суд во следните пет години“, изјави Трамп.

Се очекува повратот на средствата бидејќи американските увозници кои плаќале царини во текот на изминатата година додека важела царинската политика, веројатно ќе бараат враќање на средства од агенцијата за Царинска и гранична заштита на САД.

САД можеби ќе бидат задолжени да вратат милијарди долари на увозниците кои платиле царини според IEEPA, иако некои увозници можеби веќе ги префрлиле трошоците врз потрошувачите или на други.