Ќе има масовен синдикален протест кој ќе биде претходница на генерален штрајк. Според потврдени информации, денеска заседава Претседателство на ССМ на кое ќе бидат разгледани сите прашања поврзани со барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра. Извесно е дека со оглаед на тоа што нема договор за зголемување на минималната плата, ССМ ќе се одлучи на протест и генерален штрајк, потврдуваат синдикални извори.
„Одлука за масовен протест ќе има. Најверојатно тој ќе се одржи во средината на март, некаде до кај 15-ти. Дополнително ќе следува и одлука за генерален штрајк кој би бил 24-часовен. Генерланиот штрајк би се случил по масовниот синдикален протест“ – велат извори од синдикатот.
Сојузот на синдикати на Македонија изминатиот период го испорача барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра со образложение дека инфлацијата е растечка а стандардот на работниците се „потенок“. Опозициската СДСМ го предложи, а најпрво на Комисијата за економски прашања а потоа и на пленарна седница, беше отфрлен Предлог-законот за зголемување на минималната плата на 600 евра.
„Имаме годишна инфлација од 4,1%, а кај храната таа инфлација е многу повисока, односно над 5%. Оваа инфлација многу повеќе ја чувствуваат оние граѓани и работници кои имаат ниски примања. Сите оние мерки кои божем ги преземаше владата за да се органичи растот на цените не дадоа никаков ефект. Куповната моќ на граѓаните од месец во месец, од ден во ден, сè повеќе паѓа. Во февруари годинава, само за еден месец синдикалната кошничка се зголемила за околу илјада денари, а во однос на февруари 2025 година, таа се зголемила за 3.609 денари, а во споредба со 2022 година за повеќе од 30.000 денари“ – изјави пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Барањето за зголемување на минималната плата предизвика поделени мислења и во бизнисот и во науката. Стопанствениците завземаа став дека не се против порастот, но дека товарот од зголемувањето ќе биде голем и дека дел од компаниите не можат да го издржат. Економистите пак имаат различен став – од тоа дека платите мора да се зголемат за да се заштити стандардот до тоа дека токму порастот на платите врши натамошен ценовен притисок.
Додека опозицијата бара раст на минималецот, власта го „скрои“ пониските плати за функционерите. Преку измени во шест закони платите на функционерите се намалуваат за износ од 10.000 до 13.000 денари, а кај одредени позиции кратењето ќе биде уште поголемо. Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека во мандатот на оваа Влада, работниците не добиваат ветувања туку повисоки плати. Сепак пресметките покажуваат дека платите на дел од функционерите ќе се зголемат и по над 26 000 денари, во зависност од коефициентот, работниот стаж и додатоците на плата.
Д.А.