Вајц го претстави Извештајот: Македонија мора да ги спроведе уставните измени, сè уште има многу работа со реформите во владеењето на правото

„Ова е вистинска шанса и се надевам дека Владата во Македонија нема да ја пропушти“, рекол европратеникот и известувач за земјава

од Nikola Popovski
32 прегледи Фото: Facebook/Thomas Waitz

„Северна Македонија мора да го исполни условот за уставни измени за да продолжи во европската интеграција, кои се дел од Преговочката рамка и заклучоците на Советот на ЕУ во 2022 година“, изјавил европратеникот и известувач Томас Вајц при презентирањето на нацрт-извештајот за Македонија за 2025 година.

Пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), Вајц порачал:

„Што се однесува до уставните измени, јасно е дека правата на малцинствата на културно изразување и самоопределување се дел од европските вредности и, соодветно, од Преговорната рамка и заклучоците на Советот. Потребно е да се исполни овој услов со вклучување на дополнителни малцински заедници присутни во земјата во Уставот. Особено во контекст на историјата на регионот, можноста за споделување на управувањето е висока вредност и важен предуслов за напредок“.

Претседателот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер изјавил дека Македонија не напредувала во последните години, бидејќи не го исполнила условот за измени на Уставот, кој произлегува од заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година.

Вајц не ги пропушти Коридорот 8 и Коридорот 10 во својот говор, истакнувајќи го напредокот на двата проекти. Тој изразил надеж дека македонската Влада нема да ја пропушти шансата за европска интеграција.

„Како што беше наведено, апликацијата беше поднесена пред повеќе од 20 години и време е да се продолжи со процесот. Во моментов постои значителен прозорец на можности за целиот регион, а особено за Македонија, во однос на напредокот кон членство во ЕУ. Постои јасна поддршка од Советот, Комисијата и Европскиот парламент. Ова е вистинска шанса и се надевам дека владата во Македонија нема да ја пропушти“.

„Што се однесува до реформите во владеењето на правото, сè уште има многу работа. Напредокот во изминатата година не беше особено значаен, што веројатно е поврзано и со уште една изборна година. Позитивно е што нема да има избори следната година, барем според она што го најави владата. Годината е прогласена и за година на реформи. Не станува збор само за затворање или отворање на поглавјата од преговорите, туку за вистинско исполнување на критериумите што ќе овозможат тие да бидат затворени во одредена фаза, особено во областа на владеењето на правото. Овие реформи се исто така дел од пошироката реформска агенда. Земјата треба значително да ги забрза своите напори за постигнување на поставените цели до јуни. Во прашање се околу 47 милиони евра буџетска поддршка, кои ќе бидат насочени кон други земји во регионот доколку потребните реформи не се спроведат до тој датум“, додал Вајц.

Во извештајот, меѓу другото наведува дека од суштинско значење за евроинтеграцијата на државата е сите политички актери, особено Владата, да даваат опипливи резултати во клучните области, а во исто време Европската унија и нејзините држави-членки мора ги исполнат своите обврски.

-Македонија моментно се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ, особено владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата е недоволен, вели Вајц.

Известителот посочува дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради загриженост за потенцијални дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Вајц смета дека е потребно и итно зголемување на политичката волја од двете страни за да се надмине овој ќор-сокак.