Муцунски: Посакувам Радев да е искрен во намерите кога вели Македонија што поскоро во ЕУ

„Доколку стане премиер на соседната држава, ќе биде едно од тие лица со кои што ние ќе мораме да соработуваме и работиме на изнаоѓање на решенија“, вели министерот за надворешни за екс-претседателот на Бугарија

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук/Тимчо Муцунски

Откако екс-претседателот на Бугарија, Румен Радев рече дека посакува Македонија што поскоро да ги почне преговорите со ЕУ, но, дека останува условот за уставните измени, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски порача дека земјава лобира кај сите земји-членки на ЕУ за што побрзо почнување на преговорите, како и кај Бугарија.

-Лобираме за рационалност и свест дека и на соседна Бугарија ѝ одговара нашата држава што побрзо да ги почне преговорите. И јас посакувам поранешниот претседател Радев да е искрен во тие намери и изјави. Секако тој е еден од кандидатите за премиер и доколку стане премиер на соседната држава, ќе биде едно од тие лица со кои што ние ќе мораме да соработуваме и работиме на изнаоѓање на решенија, кажа Муцунски во емисијата „Само интервју“.

Поранешниот претседател на Бугарија кој сега со неговото движење влезе во трка за бугарската влада, во интервју за германскиот весник „Берлинер цајтунг“ вели дека според европскиот консензус од јули 2022 година, Македонија мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите народи во Преамбулата и само тогаш може да започнат преговорите за членство во ЕУ.

– Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да ја видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно, кажа Радев пред неколку дена.