Рис, лисица, мечка бараат стан во Скопје. Огласи „Барам стан“ деновиве со појавија на многу локации во градот.
Животните си бараат стан бидејќи уништувањето на нивните природни живеалишта ги приморало да бараат спас во градот. Сечењето на шумите, шумските пожари, се поголемата урбанизација на природните средини и малите хидроцентрали, се причини кои го загрозуваат опстанокот на овие животни.
Од Еко-свест објаснуваат дека со оваа кампања сакаат да да ја подигнат свеста кај граѓаните за состојбата во која се наоѓаат животните во Македонија.
„Рисот, волкот, лисицата, мечката, не се само митски битија кои живеат во македонските народни приказни, туку тоа се вистински живи суштества, кои во исто време со нас, опстојуваат во оваа држава“, вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во Еко-свест.
Заклучоците од Меѓународната конференција за природа која се одржа во Скопје минатата година, уште еднаш го потврдија фактот дека природата е приоритет.
Како приоритет број еден се издвои потребата од итно усвојување на Законот за природата. Во постапката на подготовка на законот потребно е да се вклучат релевантни институции, експерти, граѓански организации како и управителите со заштитени подрачја.
На Меѓународната конференција присутни беа сите релевантни чинители на меѓународно ниво, како и претставници од националните институции.