Денеска е последниот работен ден во месецот, а со тоа изминува и последниот ден од рокот за исплата на средствата од „МојДДВ“, а голем дел од граѓаните повторно се жалат дека не ги добиле своите средства. Ова се случува по вторпат од воведувањето на оваа мерка, која е една од ретките кои директно враќа средства кај граѓаните.
Се работи за редовниот поврат за четвртиот квртал од 2025 година (октомври, ноември, декември) кој пристигнува на трансакциските сметки. Претходно имаше доцнење во исплатата за третиот квартал од минатата година.
На почетокот на месецов, од УЈП соопштија дека почна исплатата на средства на апликацијата МојДДВ за скенираните фискални сметки. Како што посочија од УЈП, за четвртиот квартал од 2025 ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.
Во минатото, средствата беа исплаќани најдоцна до 10-ти во месецот. По доаѓањето на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ, тој рок се продолжи до крај на месецот. Не е сигурно дали воопшто ќе се исплатат средствата од понеделник, 2-ри март.
„Нема пари изгледа секна Буџетот…Каде доцнат парите за породилното, па и повторно за скенирањето фискални…Празна е државната каса се утепаа од крадење…“, пишуваат граѓаните на социјалните мрежи.
Директорката на УЈП, Елена Петрова претходно посочуваше само дека кај некои граѓани може да има застои поради технички причини, како невалидна трансакциска сметка. Но, парите не ги добија и многу граѓани кои немаат проблем со трансакциските сметки и редовно ја ажурираат апликацијата.
Кон средината на јануари, УЈП ги демантираше написите во дел од медиумите дека се укинува мерката. Рекоа дека не постои одлука за укинување на и дека мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби.
Пред неколку дена, партијата Левица најави дека ќе даде предлог кој предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Проектот „Мој ДДВ“, претходната Влада го воведе од први јули 2019, а преку скенирање фискални сметки се добиваше поврат на ДДВ најмногу до 600 денари месечно односно за едно тромесечје до 1.800 денари. Подоцна лимитот беше зголемен за поврат до 2100 денари.