Сивата економија цвета преку „кеш попусти“ без фискална сметка

Фискални сметки не издаваат само малите трговци, туку и големите трговци. Така на пример еден голем трговец кој прави три милијарди годишен промет една милијарда му е во готово. Тоа се мултиплицира надолу, односно врз придонесите, даноците..., изјави за „Локално“, Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.

од Vladimir Zorba
51 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/ТВ 21

Сивата економија и јаде на државата над половина милијарда евра годишно и никако да се симне под 30 отсто. Според проценките, меѓу 20 и 35 проценти од БДП се генерираат во неформалната зона, а практиката на плаќање во готово без издавање фискална сметка останува еден од главните механизми за избегнување даноци и нелојална конкуренција на пазарот. Граѓаните потврдуваат дека се условени од трговците за да добијат попуст без фискална мора да платат кеш.

Експертите посочуваат дека проблемот не е само во неиздавањето фискални сметки и „платата во плик“, туку во системската зависност од кеш трансакции, кои овозможуваат прикривање на реалниот промет.

-Сивата економија во државата изнесува преку 35 отсто. Не се работи само за неиздавање на фискални сметку, туку проблемот е системски. Фискални сметки не издаваат само малите трговци, туку и големите трговци. Така на пример еден голем трговец кој прави три милијарди годишен промет една милијарда му е во готово. Тоа се мултиплицира надолу, односно врз придонесите, даноците…, изјави за „Локално“, Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори.

Фото: Сојуз на стопански комори

Тој смета дека државата треба да го намали плаќањето во кеш за сметка на плаќање со картички, но проблем е што банките наплаќаат провизија за секоја трансакција и затоа се уште царува кешот.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски за „Локално“вели дека инспекторите се постојано на терен и вршат надзори.

-Државниот пазарен инспекторат постапува по Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и Закон за трговија во зависност од тоа за која дејност се работи. Инспекторите се постојано на терен и вршат контроли дали фирмите се регистрирани и за една година има направено 900 надзори. Доколу се утврди нерегуларност му дава рок од 30 дена да се регистрира и доколку не го стори тоа следуваат казнени мерки. Имаме посебен фокус во борба против сивата економија и надзорот за нерегистрирани трговци е зголемен за 15 отсто, вели Стојкоски.

Фото: Фејсбук/Влатко Стојкоски

Според анализите, значителен дел од даночните загуби се поврзани со неиздавање фискални сметки. Овој механизам не само што го намалува приливот во буџетот, туку создава и простор за нелојална конкуренција и коруптивни практики.

Проблемот е особено изразен во земјоделството и градежништвото, но присутен е и во личните услуги. Дел од компаниите пријавуваат минимална плата, додека остатокот го исплаќаат во кеш. Ова директно влијае врз пензискиот стаж и идните права на работниците.

Што се однесува до мерката „Мој ДДВ“ експертите велат дека мерката донесе одредени резултати во поттикнување на барање фискални сметки, но без системска промени и намалување на кеш економијата, ефектите остануваат ограничени.

Б.С.

 

Слични содржини