СДСМ: Со Мицкоски на чело во 2025 има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024

„Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење“, соопштија од опозициската партија

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

СДСМ забележува дека драматичниот пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Според партијата во опозиција, со премиерот Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година.

„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.

Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.

За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони“, порачуваат од таборот на Венко Филипче.

СДСМ додава дека Германскиот гигант „Aktiv“ официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа.

„Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.

Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.

Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.