Ванковска за Сиљановска: За неа не постои ни Иран, ни Газа – нема ни храброст за став во однос на агресија извршена од нашите сојузници

„Нѐ увери колку сме стабилни и безбедни додека светот тоне во светска војна и економска криза без преседан“, вели професорката за изјавата на шефицата на државата

од Nikola Popovski
40 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Слободен печат

Професорката и поранешна кандидатка за претседател на државата, Билјана Ванковска ја коментираше синоќешната изјава на шефицата на државата, Гордана Сиљановска-Давкова по завршувањето на државниот Совет за безбедност. Според Ванковска, претседателката се обрати до јавноста повеќе како портпарол на државниот врв отколку како државник.

„Нѐ увери колку сме стабилни и безбедни – додека светот тоне во светска војна и економска криза без преседан. Ние ќе си живееме во меурот на “безбедноста”. Оваа жена досега не сум ја чула да зборува директно и без флоскули. Вчера воопшто и не ги дефинираше “состојбите во светот”. За неа не постои ни Иран, ни Газа, ни Либан… Таа нема ни знаење ни храброст да заземе став во однос на агресија извршена од нашите сојузници , за цивилните жртви, за геноцидот кој Израел и натаму го врши. Но кажа кои објекти ќе бидат од врвен безбедносен приоритет“, истакна Ванковска.

Таа во својата објава додаде: „Толку бедно се чувствувам што цел свет е на нозе и протестира против војната врз Иран и геноцидот во Газа. Ние сме помали од маково зрно. И безбедни. Don’t look up!“.

Стабилна и безбедна е состојбата во земјава, укажа претседателката по одржаната Седница за безбедност. Од првите луѓе во министерствата и директорите на безбедносните агенции добиено е цврсто уверување дека нема зошто да се грижиме, се следат состојбите и институциите од регионот се во постојана координација, рече претседателката.

Се поголем е бројот на македонски граѓани кои се во земјите од Блискиот Исток кои по повикот се пријавуваат во македонските ДКП-а заради евидентирање и евентуална евакуација.

-На седницата на Советот за безбедност се разговарало и за влијанието од конфликтот врз економијата и енергенсите. Според пропишаните норми државата ги има потребните резерви нафта за 40 до 90 дена, а виталните објекти и оние под ризик се под постојана заштита, рече претседателката Сиљановска-Давкова.