Мицкоски разговараше со шеикот од ОАЕ: Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право

-Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот, порача премиерот

од Nikola Popovski
33 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски остварил телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан. Вели дека изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.

-Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација, информира Мицкоски.

Во разговорот, додава премиерот, ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот.

-Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно.

Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста, порача Мицкоски.

Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.

Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, велат од МНР.

„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, наведуваат од Министерството.