Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте утре ќе ја посети Македонија, при што ќе се сретне со претседателката Гордана Силјановска-Давкова. За време на посетата, како што е објавено, Руте ќе разговара и со премиерот Христијан Мицкоски, како и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Според агендата, Руте и Силјановска-Давкова ќе се обратат пред медиумите, а генералниот секретар на НАТО ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.
Колку за потсетување, ова е прва посета на Руте на Скопје како генерален секретар на НАТО. Тој веќе ја посети земјава како премиер на Холандија во ноември 2021 година.
Неговиот претходник како генерален секретар, Јенс Столтенберг, беше во официјална посета на Македонија во 2023 година.