ЛДП ја поздравува одлуката на ЕК за почеток на преговори за укинување на роамингот за Западен Балкан

Со воведување на бесплатниот роаминг помеѓу корисниците од ЕУ и Западен Балкан ќе се олеснува комуникацијата и значително ќе се намалат телефонските сметки на милиони корисници

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук/ЛДП

Либерално-демократската партија (ЛДП) го поздравува предлоготот на Европската комисија за започнување на преговори за интеграција во режимот на бесплатен роаминг во ЕУ, односно укинување на роаминг трошоците за земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија.

Со воведување на бесплатниот роаминг помеѓу корисниците од ЕУ и Западен Балкан ќе се олеснува комуникацијата и значително ќе се намалат телефонските сметки на милиони корисници.

„Уште од 2021 година ЛДП ја започна оваа иницијатива, за во 2025 година на состанокот на Советот на групацијата АЛДЕ во Хелсинки, биде усвоена резолуцијата на ЛДП за вклучување на земјите од Западен Балкан во европскиот режим Роаминг како дома (Roam Like At Home – RLAH)“, вели во изјава за медиумите членката на ЛДП, Тамара Гарческа.

Гарческа додава дека резолуцијата предвидува целосно интегрирање на Македонија и соседните држави најдоцна до 2030 година и тоа да биде исклучиво по мерит систем, односно вреднувано по постигнатиот реформски напредок.

„По интеграцијата на Украина и Молдавија во системот на бесплатен роаминг, повеќе нема простор за оправдувања зошто и земјите од Западен Балкан да не бидат вклучени. ЛДП отсекогаш била чекор пред времето со храбри и оригинални идеи како оваа, сме работеле исклучиво во интерес на граѓаните и горди сме што години заложби и лобирање на нашите иницијативи, денес се слушаат погласно и се на чекор до финално реализирање“, завршува Гарческа во својата изјава.